Веронаука нон грата

23 04 2009

sy_false_preachers-1801

Последниве денови некако со прикриена заинтересираност, и со скокотлива радозналост, иако навидум рамнодушно се повеќе ме интригираат реакциите за укинувањето на веронауката во школите. Јас кажав дека сум против воведувањето а малку поопширно и без некои големи церемонии како вовед, еве и зошто.

Во Македонија имаме ситуацијаво црквата која е далеку од разјаснета, расчистена, и стабилна. Има еден Архиепископ во егзил, на кого како што му запнале со тужби и процеси подобро да му го препишат Идризово во наследство, отколку вака да се подигруваат со него, и од друга страна една црква која како малолетна кокетка рско веќе не се ни обидува да глуми ладнокрвност, за немањето  заедница со останатите на православни Цркви, пропагирајќи дека се ова што не окружува тука е само лош мамурлук после една прилично надувана духовна пијанка, кој кога тогаш ќе помине.

Како вероучители  се бараат дипломирани теолози кои не треба да се веќе ракоположени во чин свештеник, односно само што дипломирани Теолози со претензии да работат во образованието ширејќи ја „мисијата“ на Македонската Православна Црква помеѓу декадентната и непросвет(л)ена младина. Тука некаде е и првиот кушлус.

Колку тие шизици кои се професори по веронаука  можат да им објаснат на децата зошто во Македонија има ПОА и МПЦ?!…колку се  спремни да ја застапат вистината на сметка на своето работно место зашто нормално дека ќе бидат најмени од МПЦ а не од Охридската Архиепископија…во интерен разговор со неколку мои пријатели кои се дипломирани теолози ги чув моите ставови само од друга уста, викаат, во право си ама ако ми најдат работа кој ги едуцира, не ми е гајле…тука некаде е и вториот кушлус…со тоа што ќе се избегнува таа тема на актуелната црковна не- кондиција, и учејќи ги децата на некое самостојно православие без единство, само ќе се утврди магичниот круг наречен „мисија“ на МПЦ, уште повеќе ќе се зацврсти расколот и шизматичната мисла која повеќе ќе се поклонува на една Македонија од што на Бог.

Многу се замлатуваат со тоа како е во Грција, Русија, Финска, Белгија, Словчка и.т.н, и.т.н… каде веронауката функционира непречено, но ова тука е друга реалност, и нај екстремната фантазија е бледа во споредба со нашава реалност, ова е ПЈРМ и овде веронауката е нон грата. Се друго е само обид да се држат послушни и покорни а уште повеќе под контрола младите верници за да не се дозволи да се повтори Архиепископот Јован, и Православната Охридска Архиепископија, а на сметка на тоа преку тој механизам кога ќе дојдат избори овие ќе кажуваат дека како христијани треба да ја поддржат партијата која стои на страна на црквата…и уште, знаете ли кој бизнис лежи зад сето тоа што толку се запнале да го направат …ами печатење учебници, ами прирачници, молитвеници и се што ќе им падне на ум дека може да го собере и замени џепарацот на учениците  со уште некоја книга во нивните ранци.

Тоа ми го става под прашалник и курсот на земјава, дали е демократска, теократска, конзервативна, либерална, европски настроена, мулти културна и мултиетничка или ништо од сето тоа…во тој случај ако се воведува веронаука, зарем нема да им се дозволи на сите други, адвентисти, лутеранци, католици, и што ти ја уште знам какви не’ заедници кои баш од правителството на Македонија добиле регистација и дозвола отворено да го исповедаат она во кое што веруваат, да држат предавања на тие часови по веронаука?!…

Нека извинат припадниците на муслиманската вероисповест …но кај нив и онака постоеше и досега редовна пракса на веронауката во џамиите па ова во школите ќе е само официјализирање на веќе долгогодишната пракса.

А за елементарните алогичности кои стопати ги имам повторено не сакам веќе да спомнувам зашто ми е мака…не можам да си ја објаснам чињеницата дека некој шизик може да НАУЧИ друг жизик да ВЕРУВА…досега науката правеше и доаѓаше до страшно големи откритија, некои корисни, а некои не за човештвото, но откако го достигнавме нивото на генетскиот инжинеринг со кој можеме да се репродуцираме без при тоа да не се пипнат со прст машко и женско, според мене во овој и вековите што идат најголемото откритие за човештвото ќе е’ Бог, а до тоа откритие никој не може да те доведе, нити некој може да те научи во него да веруваш.Тоа е длабоко лично и единствено сам можеш да го освоиш. Поради тоа сметам дека во Македонија не постојат искрени намери за достигнување на тоа откритие, само бизниз интереси профит со поголеми проценти на добивка во кое овој пат (за разлика од до сега) манифестативно е вклучена организацијата на луѓето во црно од МПц.





Бренд МПЦ ® – “Црквата“ и индустриската сопственост

15 04 2009

11


На 31-ви Јуни 2005 г. во службеното гласило на Државниот Завод за Индустриска Сопственост на Република Македонија објавени се пријавите на 17 трговски марки чиј подносител е правното лице „Македонска православна црква” во класите 16 – хартија, картони и производи од нив, 33 – Алкохолни пијалоци (освен пиво), 35 – огласување, водење на работење, канцелариски работи, 36 – осигурување, финансиски работи и монетарни работи, 41 – образовни услуги, подготвување настава, забава.

Меѓу називите на пријавените трговски марки, коишто се комбинација од територјално име и тип на организација, како, на пример, Македонска православна црква – Охридска Архиепископија, Скопска епархија и т.н. пријавени се и следниве: Македонска Патријаршија, Православна Охридска Патријаршија, Православна Скопска Патријаршија, Јустинијана Прима, и други.

Секако дека како на застапник ми е прилично јасен, а воедно, како на верник, смешен овој потег на МПЦ. Сепак, би сакал подетално да го образложам, од аспект и на застапник, и верник, значењето на овој чин.

Па, како застапник би рекол:

Трговските марки се важен дел од интелектуалниот имот на една компанија. Тие се оние знаци коишто на потрошувачот му го претставуваат идентитетот на производот, а според нивниот број и нивното котирање на пазарот (остварениот профит од производите и услугите коишто ги одбележуваат), своeвидно се мери капиталот на една компанија.

Законот за Индустриска сопственст во Членот 137, вели: „Со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките и услугите на еден учесник на прометот од стоките и услугите на друг учесник во прометот“, што би значело дека со пријавувањето на трговските марки МПЦ ја официјализира својата маркетинг стратегија. Со ова е почната законска постапка за заштита на трговските марки коишто МПЦ планира или веќе ги употребува во прометот.

Со евентуалното стекнување на правото над овие трговски марки ќе има право да ги аплицира и употребува за означување на производите и услугите кои ќе ги пушта во промет (замислете: осигурителна компаниија – “Охридска Патријаршија“, или, ракија – “Македонска православна црква“. Ќе може да забрани пуштање во промет на производи коишто го носат овој назив на индустрија или услужна фирма којашто би се осмелила да стави таков назив на своите производи (замислете вест – “во прометот се појавиле пиратски бришачи за раце (класа 16), коишто ја носат заштитената трговска марка – Православна Скопска Патријаршија). И, конечно стекнувањето на правото значи и можност тоа да се пренесува, продава, заложува и отстапува на трето лице со меѓусебен договор или согласност од страна на сопственикот на правото. Тоа значи дека фирмата којашто ги поседува трговските марки – може да ги продаде на друга заинтересирана фирма.

Како верник би запрашал: каква врска имаат трговските марки со Црквата? На кој му текнало да заштитува со право на трговска марка, нешто што Бог го востановил? Зошто?

За да ги разберам мотивите, напрвин би одговорил на последното. Тоа е сторено од страв. Паничен страв којшто го има зафатено врвот на оваа организација! Иако стравот не би требало да биде својствен за организација каква што МПЦ сака да се претстави, тој ги натерал нејзините службеници на чекор којшто крајно ги разобличува, односно точно ги дефинира. Во паничната реакција дека некој ќе посегне по нивните економските интереси, експлицитно го изразуваат својот карактер на способни менаџери, коишто ги штитат правата на индустриска сопственост на својата компанија.

На оние, пак, на коишто им текнал овој потег можам да речам дека немаат елементарно разбирање ни за индустриска сопственост, а се сомневам дека имаат знаење за тоа што е Црква, и како таа треба да се штити.

Поважно ли е да се има признавање на називот како трговска марка, отколку да се биде признат од Едната Света Соборна Апостолска Православна Црква? Состојбата на изолација којашто доведува до синдромот на самозадоволување, што несомнено се изразува и во оваа постапка, штетна е не само за човекот, туку и за секоја средина воопшто. Верувам дека сите припадници на МПЦ не стојат зад оваа постапка, ниту ја поддржуваат, но тие се оние коишто ќе мораат да се идентификуваат со таквиот карактер на нивните врховници.

И, на крај, каква врска имаат трговските марки со Црквата? Никаква. Третирањето на верниот народ како потрошувач, а нивната организација како компанија којашто пушта во промет производи и услуги, во најмала рака претставува омаловажување на народот, и укажува на изместените поимања на она што значи Црква.

За крај ќе го додадам и следново: покрај знакот на секоја регистрирана трговска марка се става знакот ® којшто укажува на нејзиниот статус. Значи, во блиска иднина кога споменатите трговски марки ќе бидат регистрирани, ќе мора да стои МПЦ®, Православна Скопска Архиепископија® со што недвосмислено ќе се укажува на разликата дека станува збор за регистрирано трговско име, а не за Црква, и со тоа дефинитивно ќе се официјализира трансформацијата на МПЦ од неуспешна расколничка организација во успешна компанија, која поседува – дури 17 регистрирани трговски марки.

(превземен текст)





Накратко и нажалост за МПц

11 04 2009

111

< ОСНОВАЧИ И НАСЛЕДНИЦИ >

1945 г. кога завршува 2 светска војна во Скопје се одржува еден самоповикан „црковно -народен собор“ на кој присуствувале комунисти кои тогаш биле на власт припадници на муслиманската вероисповест, еврејската вероисповест, и православни свештеници. На тој собир не присуствувал ниеден православен Епископ.
На последниот канонски Епископ, митрополитот скопски Јосиф властите му забраниле влез во тогашната за прв пат формирана Народна Република Македонија. Значи последниот канонски епископ воопшто не ни можел да си влези во митрополијата.
Тој „црковно- народен собир“, формирал еден иницијативен одбор кој се состоел од правславни свештеници и од политичари кои учествувале во тогашната комунистичка власт.
Од 1945 тој иницијативен одбор со декрет забранил на било кој православен Епископ, а сo тоа се разбира и на Митрополитот скопски Јосиф, влез на територијата на Р. Македонија.
Значи од 1945 до 1958, полни 13 години на територијата на денешна Републка Македонија воопшто не стапнала нога на православен Епископ. Ги исфрлиле сите антимиси на кои бил потпишан Митрополитот скопски Јосиф, и на литургијата на местото каде треб да се споменува епископот, не спомнувале Епископ. Станувало збор за една така да речеме презвитеријанска црква.
Во Патријаршијата во Белград е зачувана севкупната кореспонденција која ја имала Српската Православна Црква тогаш со таканаречениот иницијативен одбор.
Тој одбор 1958 побарал од Патријархот да им ракоположи нивни Епископ. Птријаршијата како Мајка Црква секако покажувајќи грижа за црквата во Р. Македонија и побарала да им пратат список со кандидати за Епископ. Накратко ќе ви напишам за еден автентичен документ.
Тоа е список со кандидати за Епископ што тој одбор потпишан како „ Православна Епархија скопска – црковен суд“, го испратил на српскиот Патријарх.

„16 мај 1958 година, Скопје
Ваша Светост,
Во врска со Вам доставениот предмет преку овој црковен суд бр. 8/58 преку кој се доставени биографиите и изјавите на предложените кандидати – домородци за Епископ на празната Епархија во Народна Република Македонија, а во врска со постигнатиот споразум во врска соцрковното прашање во Народна Република Македонија, помеѓу Светиот Синод и иницијативниот одбор за организација на православната Црква во Република Македонија, чест ни е за предложените кандидати да Ви го доставиме овај накнаден извештај.
Првиот кандидат: Прота Нестор Поповски, стар 42 години, 20 години свештеничка служба, оженет. Неговата сопруга Милка се согласува да се разведе имајќи ги во предвид високите народни и црковни интереси, што ги налага оваа голема жртва на нејзиниот маж, и приправна е својот живот да го помине во грижа и воспитување на своите деца: Бранислава – родена 1940 година која завршува седми клас гимназија во Скопје, Кирил – роден 1942 година, кој сега завршува шести клас гимназија во Скопје, и Добриле – родена 1947 година која оваа година завршува први клас гиманзија во Скопје.
Вториот кандидат: прота Томе Димоски од Битола, стар 55 години, има 27 години свештеничка служба, неговата сопруга Спаса ценејќи ја неговата жртва согласна е да се разведе од истиот и да се посвети на своите деца Љубица…. итн.итн.
Еве стигнавме до последниот кандидат кој се вика Влатко Захировски, „професор во гимназијата во Охрид , оженет, неговата сопруга е согласна за интересите и добробитот на народот и црквата од истиот да се разведе. Има четири деца од кои најстарото е 12 години.
Доставувајќи Ви Вам пред се ја молам Вашата Светост овој извештај да се приклучи на предметот кој вас ви е доставен од страна на овај суд под број 8/958.
Ја целивам Вашата десница и молам благослов.
За председател на црковниот суд, архијерејски заменик, прота Нестор Поповски“.
Првиот кандидат како што може да прочитате сам себе се предлага за Епископ.
Треба да кажеме дека после собирот од 1945 кога е поргласен тој иницијативен одбор, Српската Православна Црква веднаш повикала вонредно Собрание и веднаш го прогласила тој собир за разбојнички и за неважечки.
Откако СПЦ не можела да прифати ни еден предлог, одговориле дека предложените кандидати не ги исполнуваат основните услови за да бидат ракоположени за Епископи.
Веднаш потоа е започнато сленото сценарио: Доситеј, викарниот Епископ на тогашниот српски Патријарх, кој по мајка бил родум од Македонија, без било какво знаење на Патријархот и Епископатот на Српската Православна Црква, комунистичките власти го одведуват во Охрид и таму го држат четири дена заклучен о председателската резиденција без право да контактира нити со патријархот, ни со било кој од Епископите. После тоа 1958 година уште еден таков црковно народен собир без учество на било каков Епископ, го прогласил Доситеј за Архиепископ охридски и Митрополит македонски.
1967 година во Белград на еден состанок на Централниот комитет на комунистичката партија , на кој учествуваа Едвард Кардељ, Драги Стаменковиќ, Стамболиќ, Влаховиќ, Мијалко Тодоровиќ, Никола Минчев, Крсте Црвенковски, цитирам : „одлучено е да се прогласи автокефалија на Македонската православна црква која прекинува понатаму секакви канонски врски со Српската Православна Црква“. Погледајте само кој одлучувал за Црквата!! Тие тоа и го направиле.
Секако, Српската Православна Црква не можела да прифати и признае таква политичка творевина , и ги известила сите помесни Православни Цркви за расколот така што од 1967 до денес расколничката организација во Р. Македонија нема литургиска заедница ни со една од помесните Православни Цркви. После распадот на СФР Југославија 1992 година почнаа преговори за воспоставување на црковно единство. Преговорите траеа се до 2002 кога е потпишан Нишкиот Споразум за воспоставување на црковно единство.
Договорено е да во меѓусебните односи може да се користи терминот Македонска православна црква , а со црквите од Грчко јазично подрачје називот Охридска Архиепископија, и црквата да има статус на автономија. Расколничките епископи го потпишаа тој споразум, но по враќањето во Скопје, доживувајќи невиден притисок од властите кои ги створиле, рекоа дека ништоод тоа што потпишале- не важи. Тогаш Патријархот Српски поединачно на секоја и на секој Епископ им упати повик за пристапување во единство со Српската православна Црква. Единствено Архиепископот Јован тогаш Митрополит велеско-повардарски, не плашејќи се од властите потврдно одговорил на тој повик.
Сите знаеме дека насекаде по православната екумена редовен случај било комунистичката власт да ја гони репресира и да се обидува да ја погуби Православната Црква. Единствено кај нас се јавува парадоксот комунистите да „создаваат“ црква која за разлика од нејзините современички не само што нема маченици, исповедници, замразени и прогнати ради сведоштво на единството на црквата, туку дотолку посрамно ги ужива сите можни удобства и благодети на световната власт дури и во мери во кои тоа не го вкусусваат ни световните властодржци.





Инспиративно пост-изборие

10 04 2009

chains

писмо до новите генерации на ларви

Почитувана ларво!

Кога ќе го читаш ова ние твоите претци веке извесно време ќе бидеме уморни  од  летање и оставање потомци.
Ви оставаме поткастрени крилца за повеќе да пешачите, затоа што е здраво и      така секој ќе си ја знае километражата на својот поглед.
Ви го предаваме, и нашиот (без)ценет реј – бан за светот да ви се гледа онолку  убав колку ние го нашминкавме.
За ваше поголемо уживање ви развивме највисока техника на пушење која е здрава за заби и внесува нова линија и острина во изгрицканите нокти.
Ах моја мила ларво…
Кога се присетувам на твоето детство, не можам а да не се исчешлам.
Од тебе зрачеше таква амбиција, што просто тоа мораше да се прогласи за елементарна непогода, и под итна постапка да се флашира, а потоа да се пласира како екстра квалитетен и 100% природен јогурт, од кој сите беа задоволни и дури и ни аплаудираа.
Моите ноќи се исполнети со грижи за тебе моја мила и никогаш непрежалена ларво.
Понекогаш и до толку се грижам што се разбудувам и на среде ноќ од силно чешање во пределот на левиот бут.
Ако помислуваш што да правиш додека повторно да ти пораснат крилја, би ти помогнал со по екој совет.
Секое утро и секоја вечер, пиј по една чашка од кашата што ти уште како мала сакаше да ја викаш надеж, а од која ние така великодушно ти оставивме неколку пакувања…но не премногу за не дај боже да не се задушиш или отруеш од премногу кашосување т.е. извини, надевање…
Немој да воздивнуваш како оние што заминаа…тие се размножуваат бучно и ситно, а твојата осаменост, ќе ужива во бескрајната магла помеѓу мене и тебе.
НЕмој навечер да остануваш долго буден како вдовица, и немој да врескаш среде ноќ како исплашено дете …само присети се дека јас сум твојата голема порта која те брани од твоите непријатели, потоа голтни едно лажиче кашичка ,пардон, надеж и заспи си мирно и немој да сонуваш…тоа ќе повлијае лошо на белината на твоите очи.
Гледаш ли колку се грижам за тебе моја неизмерно разочарана ларво!
Сите раце што посегаат по твојата згмечена душичка освен моите ти велам дека се привидение, ако се сомневаш сркни уште едно лажиче плус.
Да можев само да ти покажам колку само секојдневно се мочам поради твоите ноќни претања…но ти ги немаш тие поими во оној мал збир зборови што ги употребуваш за своите секојдневни потреби, препирки и кошкања.
Иако сеуште се немаме видено лице в лице, и можеби ти не замислуваш како некои други, или пак ние за тебе си изобразуваме нешто трето, за таква средба сеуште е рано, а за некое време ќе биде касно.
Во меѓу време, моја доживотно безживотна ларво, редовно пиј од кашестата надеж а ние целосно ќе се посветиме на тоа да го продадеме и тоа малку јогурт што ни преостана.




КОГА ЌЕ СЕ ИЗГОРИШ НА МЛЕКОТО

30 03 2009

represija

Активно и будно пратам се’ што денес ја тресе левата и десна интелектуала во Македонија, највеќе околу планираната градба на црква на плоштад во Скопје. Читам блогови и на подржувачите и на побунетите. Јас не завземам страна…бар не сеуште од една многу јасна приказна која се протега како жизневажна нишка веќе неколку години од мојот живот.
Баш поради таа приказна која сакам да ја пренесам како порака преку форма на прашање до двете групи за волја на вистината, и индиректна порака до сите кои ќе го прочитаат овој пост.

Сите медиуми веќе неколку дена се преплавени со наслови од типот на „терор врз демократијата“, „недозволиво силеџиство во присуство на полицијата“, блогови кои сведочат за настаните од прва рака (Владо Апостолов), се изваде секаков политички валкан веш како можна позадина на настанот, дури забележав и еден тотално индиферентен поп со рејбан цвикера на вестите на сител кој како најлатентен хедонист под мантија седи на страна и се смешка со коментар, ами не знааам кој се таму судрил ние си стоиме овде …..
Го посетив и сајтот на МПц да видам дали имаат некаква реакција сепак се работи за проблем од нивни домен и … штурци… на МПц- актуелно само геогравска карта на жална Македонија, ни став ни бутур. За нив или е понижување или сметаат за недостојно да се мешаат во меѓугрешничките препирки од овој свет. Во основа најмалку ме заболе за поставеноста на МПц во случајов и онака таа веќе не е мој (расколнички) дом.

Тоа што ме дигна од рамнодушност е свежото сеќавање кога и мои блиски беа под иста таква полициска и диктирана сталиновидна тортура, и за тоа никој од истите тие „разгорени“ интелектуали кои се претставуваат за жртви не најде за вредно да ги одбрани истите човекови права за кои пекаат веќе неколку дена.
Имено, каде е таа интелектуална критизерска и слободоумна елита која се собира да расправа за право на изразување и говор кога е во прашање хајката против Архиепископот Јован, каде беа да се огласат кога не само по неколку шлаканици, но жанровски беа „третирани“ монахињи со стрижење коси, палење манастири, местење судски процеси, решетање со калашникови на цивилни стамбени куќи под „сомнение“ дека “тука се крие Јован“!!!!!

Познава ли интелектуалата селективност?!?! На еден блог  (kanalizacija.blog.com.mk) прочитав нешто вакво „Денеска во Македонија побројните не им дозволија на оние помалку да кажат што мислат. Ова не се граничи со фашизам, ова е чист хитлеровски модел. Згазен беше уставот, згазено беше нашето право да кажеме што мислиме“ …добро утро за него (сам нека реши колку е добро) веројатно до сега сите слични на него хибернирале низ годините кога еволуираа таквите форми на „патриотизам“…. и уште еднаш ќе прашам …познава ли критичката интелектуална мисла селективност, ограничувања, и свери?  -  Во позиција на веќе неколку пати изгорени на истото млеко (секоја чест на оние кои претрпеа несносливо повеќе од мене) поради слепата послушност на „секуларната“ власт презентирана со коленичење пред големите глави на МПц???

Бугарите имаат една поговорка .. „Од кога си е се така си е“. Ова не е денес ова не е од вчера ниту е ова ново… Ова е веќе од самото постулирање на оваа држава, особено од втемелувањето на МПц од страна на своевремената комунистичка елита . Го слушна ли некој крикот од гонењето на неистомислениците на сулуда коалиција МПц-Влада???? – и тивкиот прогон на припадниците на Православната Охридска Архиепископија?…како и сега и тогаш на сајтот на водечката сила во земјава, МПц,  немаше ништо, индиферентно поставен редослед на богослужби и куп сапунски серии по TV како одраз на независното и непристрасно (објективно) новинарство и пак ни лук јал- ни лук мирисал……
Затоа драги мои напатени побуненици, и уште понапатени следбеници…. ова не е ништо ново, единствено допре можеби еден општествено почуствителен нерв – група студенти- професионалци , па затоа се доби на публицитет.  И повторно народот се подели на крстоносци и угнетени, на силеџии и изнасилени, на толпа и интелектуала…. Македонската „Црква“ (која постојано блебета за некакво единство а не поделби) молчи ко нема, ко непрокопцана и бесловесна…
Само кога веќе се изгоревте на млекото и осетивте на своја кожа каква е реалноста во земјава пред која секој по малку и сите заедно редовно замижуваат, и тргнавте да барате право на говор, на глас, на свое (различно) мислење….истрајте до крај по примерот на Архиепископот Јован и луѓето што стојат со него. Ова не е …оп извини нанејчена беше спонтано се случи….таквата идиотска наивност не пали од никој „одговорен“…веќе е јасно дека не е прв пат, дека не е еднаш, и дека не е спонтано и случајно. Само не е јасно колку од свидетелите на јасната слика на македонцките работи ќе опстојат исправени пред стапот што им се заканува за елементарните човекови права против наследната ни удбашка дисциплина и опрелестена црковна пасивност (бар кога се работи за проблеми од нејзин фах).
Ништо од ова не завршува овде и вака…. ќе има продолжение и тоа не едно….само прашање е на време.





13 03 2009





Федор Емилијаненко „Последниот Император“

9 02 2009

Каква борба, каква борба…. аплаузи за непоразениот!!!





За македонскиот јазик

22 01 2009

Кодификација на македонскиот литературен јазик

Стојан Киселиновски – Расправа

© Дневник, сите права задржани. Број 1339 сабота, 18 март 2006

Се поклонувам само пред Бога, вистината и Татковината! Во 1944 година почна процесот на кодификација на македонскиот литературен јазик. Но во какви политички рамки и во какви политички услови се развиваше овој процес? По поразот на македонската национална автономна ориентација (Методија Шаторов-Шарло од 1941 и Методија Андонов-Ченто по 1944), политичката власт во Македонија помина во рацете на “пројугословенската” ориентација, персонифицирана и симболизирана од Лазар Колишевски. Победата на “југословенската” ориентација во македонскиот политички живот сериозно ќе влијае и врз судбината на македонскиот јазик.

Во такви политички услови почна да работи и Првата комисија за јазик и правопис (11 члена, речиси сите специјалисти во дадената проблематика). Во текот на работата на Првата комисија за јазик и правопис од самиот почеток се појавија две јасни и непомирливи тенденции. Од една страна се појави едно мнозинство на чело со В. Марковски и од друга страна едно малцинство на чело со Б. Конески. Судирите меѓу мнозинството и малцинството беа од суштинска и принципиелна природа. Прво се разговараше за тоа кои дијалекти ќе се сметаат за централни и ќе стојат на темелот на идниот македонски литературен јазик и второ каква азбука треба да се прифати и да се примени во Македонија. Во врска со дијалектичната основа на идниот литературен јазик се изразија длабоки несогласувања. Мнозинството сметаше дека како основа на идниот македонски литературен јазик треба да се земат централните македонски дијалекти (Велес, Прилеп, Битола и Охрид), а малцинството сметаше дека треба да се земат таканаречените западномакедонски дијалекти (Тетово, Скопје, Велес, Прилеп и т.н.).

Во врска со азбуката се појавија сериозни недоразбирања. Мнозинството се залагаше за формирање посебна македонска азбука (со посебни македонски фонеми – букви), а малцинство се залагаше за целосното прифаќање на Вуковата азбука. По тешки дискусии и со гласање (9-2), мнозинството го порази малцинството и предложи азбука од 32 букви. Во врска со темниот вокал, мнозинството членови на Комисијата за јазик и правопис сметаа дека темниот вокал “ъ е нужен за македонскиот јазик, а е и старомакедонска буква”. Поразот на малцинството и неприфаќањето на Вуковата азбука од страна на Комисијата за јазик и правопис ја вознемири “пројугословенската” македонска политичка номенклатура. За да се попречи примената на новата македонска азбука, Страхил Гигов на 14-тата седница на Президиумот на АСНОМ предложи до дефинитивното прифаќање на понудената азбука од страна на Првата комисија да се поканат и да се изјаснат и руските слависти Н. С. Державин и С. Б. Берштејн. Целта на предлогот не беше да се поканат руските слависти, туку да се одложи и да се оневозможи прифаќањето на новата македонска азбука предложена од Првата комисија. Веднаш македонската политичка номенклатура (ЦК КПМ), со писмо, го извести ЦК КПЈ дека успеаја привремено да ја отстранат таа опасност со предлогот на Страхил Гигов на 14-тата седница на Президиумот на АСНОМ за покана на руските слависти.

Со помош на “пројугословенската” македонска номенклатура се формира нова, но сега партиска комисија за кодификација на македонскиот литературен јазик. Во Втората таканаречена комисија за јазик и правопис влегоа и луѓе што дури не го знаеле македонскиот јазик. Главна улога во Втората комисија заигра претставник на малцинството од Првата комисија (Блаже Конески). Новата комисија за јазик и правопис реши “да се усвои наполно Вуковата азбука…”. Членовите на Втората комисија за јазик и правопис решија исто така дека “ъ не е каракеристичен за македонскиот литературен јазик и не треба да се внесува буква во азбуката”. Така графемата “ъ” доби политичка димензија. За нејзино отстранување особено се залагаше Б. Конески. Мотивот беше едноставен: пирова ќе беше победата на Вуковата азбука во Македонија ако беше прусутен и “ъ” во неа. За многумина таа буква “мирисаше многу на бугарски”. Со желба да се отстрани таа графема дури се скрши и фонетскиот принцип во јазикот и графемата “ъ” беше заменета со апостроф. Против решенија на Втората јазична комисија енергично беше В. Марковски. На тој начин малцинството, со помош и поддршка на ЦК КПЈ и ЦК КПМ, од малцинство бргу се претвори во мнозинство и ја наметна својата волја, спротивно на волјата на македонскиот народ, која ја изразија претставниците на мнозинството од Првата комисија (д-р Г. Шоптрајанов, д-р М. Петрушевски, В. Марковски, Г. Киселинов, Д. Џамбаз и др.).

Прифаќањето на Вуковата азбука ја вознемири македонската јавност. Македонската “пројугословенска” политичка номенклатура, по договорот во Белград меѓу М. Ѓилас, В. Малинска, Б. Конески и В. Марковски, создаде Трета комисија за јазик и правопис. Третата комисија на 3 мај 1945 година донесе своја дефинитивна (компромисна) одлука по прашањето на македонската азбука. Со тоа духот на малцинството победи и стана основна јазична политичка ориентација во Република Македонија. По кодификацијата почна еден суптилен процес на историски јазичен дисконтинуитет на македонскиот јазик што постепено го оддалечуваше од неговиот природен и нормален историски тек и континуитет. Денес, кога се штити духот на малцинството, всушност не се штити македонскиот јазик, туку српскиот отпечаток врз македонскиот јазик. На тоа всушност се должат неодговорните напади врз Македонскиот историски речник и врз главниот уредник. Тие напади земаат размери на вистинска вербална граѓанска војна и главни носители се “Утрински весник” и “Старт”. Крајна цел на тие напади е да се овековечи историскиот дисконтинуитет на македонскиот јазик (да не се дозволи никаква јазична ревизија) и да се ограничи, диригира и да се потчини повторно македонската научна мисла. П.С.

За веродостојноста на пишаното ги упатувам сите читатели што им е мила вистината да ги прочитаат записниците од комисиите за јазик и правопис што се наоѓаат во Архивот на МАНУ или да ја прочитаат извонредната книга на д-р Стојан Ристески, “Создавањето на современиот македонски литературен јазик”, Скопје 1988 година, каде што исто така може да се најдат записниците од комисиите за јазик и правопис. (Авторот е доктор по историски науки)





Колумна Малоумна

3 10 2008

Денес имам нешо послободен ден и решив да вратам на минивал сосила испегланата слика што ми се мафта пред очи.

Ваков наплив на настани не сум видел од кога во осмо заминавме на првата ескурзија низ Македонија. Прво нешто што не ми е јасно… кај на мајка му завршија Браќа Манаки во Скопје?!? …па нели Битола е град горд на таа манифестација?!?…ај прилепчани што не се збунија за Пивофестот некако може и да се компензира со заштитничкиот став спрема Војдан Чернодрински- театарските игри (не ви препорачувам да чепкате таму) , ама Битола и нема друго по знаменито од Манаки…се сеќавам кога се предлагаше да се земат и струшките вечери во скоје и Ристо Шишков – театарскиот фестивал само Охридско Лето куртули од скопските апетити во недостиг на иновативност и идеи….нормално затоа што тој период Скопје живее во Охрид, или пак некако не им фаќа око да го праат на Матка.

Чудна работа мајката…. тие ако, да живеат на висока нога макар и од крадени трудови, а оние помалите подолу кој ги едуцира и онака тие се српот и чеканот на стопанството па многу- многу не треба да се преоптоваруваат со култура ќе им штети на реколтата и земјоделието, па лоша берба, па помала побарувачка, па намален извоз и … оооооп ете ти криза само затоа што (о)ние безобразните копачи од провинција сакале да одат на кино, па на театар види мајката …. Да не набројувам шо се е крадена идеја од сиот скпски гламур…Тетекс нема да може да произведе доволно ќебиња да се покрие резилот.

Престанете веќе еднаш да живеете во таа ваша футуристичка замисла дека Скопје е центар на империјата, а се останато на мапата се бедуински населби кои преку ден ископуваат минерали (за ваши потреби нормално нели)и корења за да преживеат, а навечет се камуфлираат за да ги преживеат нападите на драконските стаорци кои хараат вдолж и пореку пустината …..

Оставете малку ппостор за еден поинаков живот во овие „интересни“ времиња и за оние кои својата слика своето име и своите знаменитости ги заслужиле со оддаденоста на својот опстанок,идентитет, борбен, работен, историски….

Тоа што не е ваше лице не може да биде ни ваша шминка …лошо ви стои, ве брука ве девалвира, може ке потрошите повеќе на реклама и на помпеза(лоша многу лоша емитација) но нема да го имате духот….не можете тоа да го преселите нит па можете тоа да го искреирате (дотолку повеќе кога сте во дефицит на креативност)….затоа вратете ги перјата кои не се ваши и обидете се да ви пораснат нови овојпат ваши.





Небесните и земните

29 09 2008

Кога ќе посегнам
во облаците,
по небото
и по земјата
расфрлани,
да побарам малку птици
како годините ни
и малку дожд
само небесните
ќе ме разберат мене земјен
со силна насмевка
во небесниот им дом

Кога облаците ќе посегнат
по мене,
по небото и по земјата расфрлан,
тогаш јас земјениот
небесните ќе ги разберам.