Кога сте изложени на рекламен рафал на секој чекор од современото животно крстарење, веќе некако и интуитивно ја сваќате пораката на рекламираниот субјект или производ.
Така на пример ако видите реклама за козметика, знаете дека пак ви се пласираат приказни за долга младост, нежна кожа и т.н.
Кога ќе ве блесне некоја реклама со полуголи и речиси голи невести знаете дека пак на некој козметички салон му смета масната наслага на вашиот газ.
Ако пак налетате на реклама со паранормална доза на сентименталност, со слики од рушевини како од војната во Босна и уплакани монаси.. точно така – поентата е да се обноват висечките градини на заветените на скромност и сиромаштија.
Деновиве пак и пак на тема и мета ми е обновата на опожарениот манастир Св. Јован Бигорски. Нормално никако во контекст дека треба да се остави изгорен, но во контекст на ненормалното хипокритичко презентирање кутрост пред секој можен медиум во Македонија на дотичниот игумен и неговите собраќа.
Ако и во сон ве прогонуваат сликите од јавните повици и билборди да се обнови манастирот со народни донации, не се тревожете тоа е само полу-магиски пристап да одделите од вашето чекмеџе за да им обезбедите позлатен, или во најмала рака сребрен есцајг за ручање на скромното братство од Манастирот.
Да речеме, да се прибават нови сервиси за чај по можност од фин кинески порцелан, или пак резерви на екстравагантен коњак, и прелестно вино за господата властодршци и донатори кои во иднина ќе наминат да ја погледаат раната која ја залечиле со милионски пеницилин… а и за игуменот да има да се теши кога ќе му падне тешко при сеќавањето како проживеал неколку месеци во малку пореални монашки услови, но сепак гледан како бубреже во лој од своите мецени и следбеници.
Нели е срамота при толкави финансиски инекции од владата, синодот на тажната мпц да чека откровение за да интервенира во манастирот… нели е погано да изнудуваат на сентиш пари од верните, кога ни надлежните им фарисеи не фрлат 5 денари за својата авлија.
Големиот ефендија со белата пана одважно како алфа паун, сличен на оние во неговиот најлуксузен хотел (иако во основа манастир) Св. Наум, одважно во манирот на милосрден џелат со насмевка потенцира колку уствари го заболе пастирската патерица за Бигорски.
И сосема за крај на овие редови.. сакам да им се обратам на Партениј игуменот бигорски, ако воопшто сака да сврти малку внимание од своето спонзорско созерцание, кон овие редови… Свртете ги малку молитвите кон Седржителот наместо кон властодржецот, скршете го бигорот на колективниот ваш дремлив раскол, и ке ве покрие спокојот на обновениот манастир и многу побрзо од што ќе бидете свесни за тоа.
А додека да се решите на тој чекор.. барем престанете да глумите кутри поп-арт икони, прекинете да се себесожалувате и да се прогласувате за немоќни и бедни затоа што ви требаат 5.5 милиони евра, запрете со јавно прпелкање во носталгијата по вашиот пеплосан комфорт, по билборди и рекламни спотови, .. пресметајте колку тоа кошта нивното емитување и можеби ќе ви навтаса за еден чардак на припек.
Скорешни коментари